Конечно законска промена кај извршителите: Ова се измените во Законот за извршување - Bits of insurance

Конечно законска промена кај извршителите: Ова се измените во Законот за извршување

Во извршителските канцеларии вработени се над 600 лица, извршени се над 400 илјади извршни исправи, а една милијарда и 102 милиони евра повторно се слеани во правниот промет во државата. Во 2017 година наплатени се рекордни 163.491.309 евра. Ваквата ситуација придонесе сферата на извршување да не претставува проблематично подрачје во извештаите на Европската комисија, се до Извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот за приближување кон Европската Унија за 2016 година.Izvrsuvanje Naslovna

Имено, донесувањето на новиот Закон за извршување во 2016 година, чија примена започна на 1.1.2017 година, значеше отстапување од постојниот концепт и предизвика бурни реакции во стопанскиот сектор на државата, а иницирани се и шест постапки пред Уставниот суд на Република Македонија. Ваквата состојба беше детектирана и од страна на Европската комисија во Извештајот за 2016 година, каде што е констатирано дека избрзаното донесување на повеќе закони, по скратени постапки и без соодветна консултација со засегнатите професии, генерира проблеми за чие решавање е потребна доследна политичка волја.

Ваквата состојба се должеше пред се на фактот дека Предлог-законот на Владата кој во 2015 година беше доставен до Собранието на Република Македонија, содржеше неколку законски решенија кои беа директно креирани во одредени политички кругови, а не беа резултат на експертската работна група. Пет месечната примената на Законот започнувајќи од 1.1.2017 година, особено ги засегна деловните субјекти, кои организирани преку Стопанската комора на Република Макеонија, АМ- СНАМ, а дел од нив и директно, како и Организацијата на работодавачите на Република Македонија, до Министерството за правда укажуваа на ефектите на решенијата воведени со новиот закон врз работењето на деловните субјекти; и дефинираа предлози за надминување на констатираните состојби. За ваквата состојба Владата на Република Македонија беше информирана со Информација од јули 2017 година, по што со Заклучок број 44-3272/1 од 3.8.2017 година, Министерството за правда беше задолжено да пристапи кон изменување и дополнување на Законот за извршување и  да достави предлог текст до Владата.

Министерството за правда формираше Меѓуресорска работна група со учество на: Стопанската комора на Република Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија, судството, професори од правните факултети од УКИМ и ДУТ, Нотарската комора на Република Македонија, Извршителската комора на Република Македонија, Адвокатската комора на Република Македонија и претставници од Министерството за правда.

Донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување има за цел да ја олесни, поедностави, поефтини и зголеми  ефикасноста при остварување на правата на граѓаните и правните лица и сите учесници во постапката пред извршител, а во правец на надградување на  системот за брзо и ефикасно спроведување на извршување и остварување на правата на доверителите, почитувајќи го интегритетот на должникот.

Цели, начела и основни решенија

Сите решенија преточени во одредбите на Предлог- законот се одраз на потребите од решавањето на постојните проблеми со кои се соочуваат доверителите, должниците и извршителите во пракса, а во крајна линија стопанството и граѓаните во полесниот пристап до остварувањето на нивните права и интереси како клучен сегмент на владеењето на правото во правната држава. Воедно се надминуваат и отворените прашања кои произлегоа од укинувањето на дел од одредбите од страна на Уставниот суд на Република Македонија.

Со членот 1 се брише точката 13 во членот 11 која се однесува на дефинирање на поимот „веродостојни исправи“, со оглед на фактот дека тие поими повеќе не се содржани во текстот на Законот за извршување. Со членот 2 се уредува барањето за извршување на доверителите и извршната исправа која се доставуваат во прилог на барањето, се бришат одредбите од ставовите 3 и 4 кои се однесуваа на  режимот на распределба на предметите од членот 28 став 2 кој се однесуваше на комуналните услуги, а кој е укинат од страна на Уставниот суд. Со членовите 3, 4 и 5 се враќа стариот начин на утврдување на критериуми за извршител, начинот на именување на извршители со оглед на фактот дека решението од 2016 година се покажа неприменливо и сложено што целосно го опструираше процесот на именување на извршители изминатиов период.

Со членот 6 се редефинираат одредени извршни дејствија односно се бришат распишувањето потрага по моторни возила, како целосно нефункционално решение по укажување на Министерство за внатрешни работи и вонсудската наплата на долговите (укината од Уставниот суд).  Со членот 7 се допрецизира обврската за соработка со извршителите во делот на  давање податоци од регистрите со цел да се намалат трошоците на извршувањето. Со членот 8 се прецизираат основите за изземање на извршител. Со членот 9 се уредува технички пропуст во насловот на членот 45. Со членот 10 редефинираат основите за креирање на новата Тарифа на извршителите со цел да се намалат извршните трошоци и се усогласува решението со членот 1 од овој закон.

Воедно, со ставот 5 на членот 46 се регулира максималниот износ на надоместоци и награда за извршителите  во предметите за наплата на комуналните сметки, како и на сметките за другите јавни услуги на физичките лица со цел да се води сметка за социјалниот аспект на извршувањето и да се оневозможи неколкукратно зголемување на наплатените износи, споредено со долгуваните износи. Согласно член 1 од Уставот на Република Македонија, државата е социјална и мора да се води сметка за интересите на граѓаните.

Со членот 11 се прецизираат одредбите за регулирање на доставата во правец на намалување на извршните трошоци. Со член 12 се враќа стариот начин на утврдување на критериуми за заменик извршител и начинот на именување со оглед на фактот дека решението од 2016 година се покажа неприменливо и сложено што целосно го опструира процесот на именување на заменици извршители изминатиов период. Со членовите 13, 14 и 15 се дорегулираат одредбите за вршење на надзорот над работата на извршителите, со оглед на констатираните слабости од праксата изминатиов период.Со членовите 16, 17, 18, 19 и 20 се дорегулираат одредбите за дисциплинската одговорност на извршителите, односно согласно определбата на Владата се намалуваат паричните казни на половина, се редефинира одговорноста за ненавремено/неточно  доставување на извештаи.

Со членот 21 се регулира постапувањето на заменик извршителот во услови на престанок на должноста на извршителот кого го заменува. Со членот 22 се регулира членството на замениците извршители во Собранието, со цел да не се фаворизираат одредени извршителски канцеларии.Со членот 23 воедно се прецизира видот на одлуките на Апелациониот суд кој постапува по жалба на решение на основниот суд донесено по приговор на странка, а со оглед на проблемот кој се создаде во праксата заради основот да укинува одлуки и да ги враќа на повторно одлучување пред првостепениот суд. На овој начин се одолговлекува извршувањето на штета на странките и се генерираат дополнителни трошоци во извршувањето.  Со член 24 се регулира можноста извршителот да го запре извршувањето во случаите кога должникот ќе презентира доказ за платено побарување, а доверителот не го повлекува барањето за извршување. Со ова се заштитуваат должниците од непотребни трошоци во извршувањето.

Со членот 25 се брише одредбата за извршување на моторни возила по барање на МВР, а со оглед на фактот дека истата се покажала неприменлива во пракса со што во јавноста се создава перцепција дека возилата се недопирливи за извршителите. Со ова во сила се враќа старото законско решение пред 2016 година, односно ќе се применуваат истите одредби кои важат за извршување врз подвижни предмети.Со членот 26, 30 и 31, по барање на стопанството се создава можност важечките проценки (една година од извршената проценката) да се користат и во други предмети со цел да се намалат трошоците на извршувањето. Со член 27 се создаваат основи за изземање од присилно извршување на средствата кои ќе се исплаќаат како надоместоци на штета или хуманитарна помош во случај на елементарни непогоди.Со членот 28 се дефинира одговорност за следење на ограничувањата врз паричните средства кои се изземени од присилно извршување, кај носителите на платниот промет, кои доколку неправилно го блокираат физичкото лице, деблокадата треба ја извршат на сопствена сметка.

Со членот 29 се создаваат услови за поефикасно извршување врз недвижности за кои постојат повеќе налози од извршители. Имено се овозможува извршувањето да го иницира доверител кој пристапил кон извршување на недвижност со цел да се започне со продажаба на таквата недвижност, при што нема да се наруши приоритетот во намирувањето на доверителите. Со членот 32 се допрецизира одредбата на членот 179 во делот на надлежниот орган на управата надлежен за  податок за данок на имот.Со членот 33 се враќа можноста за трета јавна продажба со оглед на проблемите во праксата на кои укажа стопанскиот сектор, укажувајќи дека на тој начин се намалува процентот на успешни јавни надавања и се оштетуваат како доверителот, така и должникот.

Со членот 34 се создава можност извршителот кој ја продал недвижноста заради намирување на побарување, да може да ја изврши и соодветната промена на сопственоста во корист на купувачот и за негов трошок. Со членот 35 по барање на банкарскиот сектор се уредува спроведувањето на извршување над недвижен имот опишан во лист за предбележба на градба заради реалните проблеми кои се појавиле во праксата при реализација на хипотеките врз идните градби кои служеле како  гаранција на инвестицски кредити во гардежниот сектор.Со членот 36 се креира решение за поекономична реализација на извршувањето од сметка, кое најчесто се користи во праксата, а особено во случаите кога се блокираат сите сметки на должникот, односно начинот на префрлање на средства помеѓу носителите на платниот промет од страна на извршителот, со што ќе поефтини присилното извршување и ќе се надминат другите негативности од овој начин на извршување.

Со членот 37  се отстранува техничка грешка во законот.Со членовите 38 и 39 се враќаат одредбите од старото законско решение за запишување на права во јавна книга кои изостанаа во законот од 2016 година, а кои се покажале како потребни во праксата. Со членовите од 40 до 41 се напушта концептот на електронско полагање на испитот за извршители кој се покажа како неквалитетен и неефективен, а во правец на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, каде е предвидено целосно укинување на овој вид на полагање. Се враќа стариот концепт на реализирање на испитот за извршители.

Со членовите 42 до 51 се бришат одредени прекршоци кои произлегуваа од реализацијата на електронскиот испит, и се редефинира прекршочната политика на законот односно намалување на глобите за половина согласно определбите на Владата и насоките од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, со исклучок на глобите за функционерите, со цел да се покаже детерминираност на институциите да функционираат согласно закон, со што нема да се стимулира кршење на законот од нивна страна. Со членот 52  се уредува примената на законските одредби и Тарифата која произлегува од одредбите на овој закон.Со членот 53 се уредува  постапувањето по започнатите дисциплински постапки.Со членот 54 се враќа валидноста на положениот испит за извршители по претходното законско решение кое со законот од 2016 беше  укинато, повредувајќи го принципот на стекнато право и се отстранува обврската за усогласување на Адвокатската тарифа со овој закон, а заради укинатите одредби од страна на Уставниот суд.

Со членовите 55 и 56  се уредува рокот за донесување на подзаконските акти и  влегувањето во сила на ова законско решение.

Атанас Димовски

Сподели ја оваа објава

Коментари

%d bloggers like this: